Деновиве ги привршуваме овогодишните теренски истражувања на Врбјанска Чука, кои повторно ни овозможија нови сознанија за неолитската архитектура и извонредната материјална култура од овој период. Имавме привилегија да ја истражуваме Градба 21 во која се присутни масивна печка, систем на повеќе сандаци за обработка на жито, како и сликани садови, антропоморфни модели на куќи, фигурини, жртвеници, секири и алатки.
Како и во претходните години, така и оваа, нашите истражувања на Врбјанска Чука ги завршуваме со концерт во археолошката сонда. Оваа година настапуваа членовите на хорот Св. Петка кои изведиа импресивна програма од средновековни и модерни композиции на духовна музика. Овој настан се одржа во недела (25 август) во 18:30 часот и традиционално го организираме со Prilep Jazz Weekend и жителите на Славеј.
Повелете да се запознаете со нашите најнови сознанија за локалитетот и да уживате во спојот на неолитот и црковната музика.