Home / Информации / Продолжуваат истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Продолжуваат истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Минатата година се започна со истражување на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, тумба што се наоѓа во северната половина на Пелагонија, односно меѓу селата Славеј и Врбјани во рамки на општина Кривогаштани. Истражувања дадоа одлични резултати за просторната организација на неолитската населба, како и за стопанството, општествениот живот и верувањата на првите земјоделци во овие краишта. Резултатите се публикуваа во научно списание, со што се афирмираше фактот дека Врбјанска Чука била специфична неолитска населба и имала клучна улога во појавата и развитокот на земјоделството во овој дел од Македонија.

Тоа го потикна научниот тим да ги продолжи истражувањата и оваа година, со тоа што покрај стандардните археолошки ископувања, фокусирани на веќе откриените неолитски куќи и средновековните слоеви, паралелно ќе се вршат и археоботанички, зооархеолошки, ихтиолошки, антраколошки, геоархеолошки и паленолошки анализи, а ќе се изведе и датирање на населбата преку AMS методот. Со тоа не само што ќе се добијат податоци за архитектурата и материјалната култура на неолитските земјоделски заедници, туку и темелно ќе се реконструираат нивната исхрана, животинскиот свет и природната околина, како и времето во кое тие живееле.

Во истражувањата се вклучени стручњаци од повеќе научни области и земји, така што овој проект претставува меѓународна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј – Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс. Со оглед на комплексноста на проектот, тој е подржан од Министерството за култура, Општина Кривогаштани, Швајцарската национална фондација за наука, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс. Покрај темелните нучни резултати, ваквата меѓународна соработка ќе овозможи и поширока презентација на предисториското културно наследство од Македонија. Како и минатата година, и овој пат добиените резултати ќе се публикуваат во неколку научни списанија и ќе се презентираат на повеќе конференции во Европа.

vrbjanska cuka

x

Check Also

С О О П Ш Т Е Н И Е за организирање на јавен увид на Урбанистичкиот проект вон опфат на урбанистички план за фотоволтаична електрана во КО Обршани

Соопштение за увид 1А Урбанистички проект ГП 1.А Соопштение за увид 1 ...