На 16.02.2017 (четврток) во ОУ Манчу Матак во 15:00 ќе се одржат предавања поврзани со минатогодишните истражувања на локалитетите Врбјанска Чука кај Славеј и „Кале“ – Локвени коишто се наоѓаат во Општина Кривогаштани. Предавањето со наслов „Неолитска населба Врбјанска Чука кај Славеј“ ќе го одржи д-р Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата во соработка со археологот Александар Мургоски. На предавањето ќе бидат презентирани најновите резултати од истражувањето на овој исклучително интересен предисториски локалитет и неговата улога во појавата и ширењето на земјоделството во Македонија во шестиот милениум п.н.е.
Предавањето „Нови сознанија за античкиот локалитет „Кале“ Локвени“ ќе го одржи м-р Дејан Кабаковски од Институтот за старословенска култура. Ова предавање ќе се концентрира на примената на новите методи во проучувањето на просторната организација на античката тврдина и нивните перспективи во идните истражувања на овој локалитет.
Предавањата ќе бидат проследени со видео презентации и разговор со гостите околу обележјата и потенцијалите на овие два мошне битни локалитети во Општина Кривогаштани.