Home / Информации / Со 50 милиони денари Министерството за култура ги поддржува проектите од културата во единаесет општини во Македонија.

Со 50 милиони денари Министерството за култура ги поддржува проектите од културата во единаесет општини во Македонија.

Денеска на првата седница на преодната Влада беше усвоена информацијата за Програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2024 година, со која Министерството за култура ги поддржува капиталните проекти од областа на културата во единаесет општини.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вели дека оваа година е обезбеден поголем буџет, 50 милиони денари, со кој единиците на локалната самоуправа ќе реализираат значајни инфраструктурни проекти преку кои ќе се подобрат условите за остварување на културата во различни региони.

„Преку капиталните дотации за културата придонесуваме за рамномерен развој на општините, за развој на сите региони во државава, за инвестирање во културата која ќе ги поттикнува младите на креативност и творење. Преку подобрување на условите за реализација на проекти од културата, помагаме за афирмација на културните вредности на секоја општина, со акцент за создавање интегриран простор за младите и поврзаност низ целата држава“.

На објавениот Оглас за распределба на капиталните дотации во областа на културата за 2024 година, посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, од вкупно 15 пристигнати проекти од 13 општини, средства беа доделени за 11 проекти. Оваа години ќе бидат поддржани општините: Битола, Крушево, Кривогаштани, Велес, Чашка, Дојран, Демир Капија, Богданци, Маврово и Ростуше, Делчево и Чучер Сандево.

Градоначалникот на општина Кривогаштани Николче Мискоски потпиша договор за  Изградба на ограден ѕид и партерно уредување во висина  од 3.030.094, 00 денари. Изградба на ограден ѕид и партерно уредување ќе биде  на објектот кој беше реновиран и адаптиран во музеј и библиотека за млади кој ќе може да биде искористен за обуки, учење на странски јазици и одржување на културни настани. Во склоп на објектот има дворна површина која ќе се  уреди со бекатон плочки, зеленило, ограда, осветлување со канделабри и мини бина каде истото ќе се приспособи за организирање на културни настани на отворено од помал карактер.

Планирањето, обезбедувањето и реализацијата на финансиските средства за капитални дотации во областа на културата за единиците на локалната самоуправа, Министерството за култура ги спроведува во согласност со програмските и стратегиските определби на Владата во насока на поттикнување и спроведување рамномерен регионален културен развој.

About Krsteska Daniela

x

Check Also

ЈП Пелагонија апелира до своите корисници рационално и внимателно да ја користат водата во деновите на екстремно високи температури.

ЈП Пелагонија апелира до своите корисници рационално и внимателно да ја користат ...