На 11.05.2023 со почеток од 11:00 ч пред општинската зграда на Општина Кривогаштани ќе се одржи отворена презентација за локалното население за препознавање и заштита од дискриминација.
Мрежата за заштита од дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација упатуваат отворена покана до населението на Општина Кривогаштани за добивање стручни правни совети порзани со дискриминација. Членови на овие две тела ќе ја презентираат работата на овие тела за еднаквост и начинот на кој ефективно може да се оствари заштитата од дискриминација, но и начините на кои дискриминацијата може најсоодветно да се превенира. Граѓаните ќе имаат прилика да разговараат за проблемите кои се карактеристични за нивната околина, за препознавањето на разните видови и форми на дискриминација, а со нив ќе бидат споделени информации за механизмите за спречување и заштита од дискриминација.
Граѓаните ќе добијат одговори на прашањата: Што претставува дискриминација?; Како да препознаат дискриминација?; Каде да се обратат за заштита од дискриминација?; Каде може да добијат правен совет и помош за заштита од дискриминација?; Дали имаат право на бесплатен адвокат?; Кои услови треба да ги исполнат за да добијат секундарна правна помош?; Каде може да поднесат барање за Бесплатна правна помош?.
На настанот ќе биде презентирана и брошурата „ ТВОЈОТ ГЛАС Е ВАЖЕН. РЕАГИРАЈ И ПРИЈАВИ ДИСКРИМИНАЦИЈА! “ која детално дава одговори на прашањата поврзани со дискриминацијата.
Јавната презентација е дел од проектот „Здружени и гласни за општество без дискриминација“, спроведуван од Мрежата за заштита од дискриминација во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Општина Кривогаштани, а поддржан од Civica Mobilitas.
ОТВОРЕНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА