Општина Кривогаштани започна со реализација на проект за отворање на нов центар за ран детски развој во населеното место Бела Црква, каде во подрачното основно училиште Јонче Смугрески веќе се уредува просторот каде што ќе биде сместен центарот. Средствата во висина од 300.000 денари за адапатација, општината ги обезбеди преку УНИЦЕФ, кој што по завршувањето на градежните активности целосно ќе го уреди и опреми ентериорот на просториите.
Центарот ќе ги опфаќа дечињата од предшколска возраст од 3 до 6 години а вкупниот капацитет на центарот ќе изнесува 35 деца. Во населеното место Обршани веќе 2 години функционира центар за ран детски развој – Јаготка, кој е предвидено да се реорганизира во детска градинка со целодневна настава, која што ќе биде во склоп на детската градинка Весело штркче од Кривогаштани.
Општина Кривогаштани веќе ги привршуваат последните чекори за осамостојување на градинката ,,ВЕСЕЛО ШТРКЧЕ” која досега функционираше под капата на прилепската градинка ,,НАША ИДНИНА”. Со овие чекори општината значително го подоби квалитетот на образование на децата кои сега ја имаат можноста многу порано да го започнат своето школување.