Home / Информации / Нови истражувања на локалитетот „Врбјанска Чука“ во Општина Кривогаштани.

Нови истражувања на локалитетот „Врбјанска Чука“ во Општина Кривогаштани.

Пред една недела почна реализацијата на археолошкото истражување на локалитетот„Врбјанска Чука“ кај Славеј во општина Кривогаштани. Овој локалитет од видот тумби е формиран во почетокот на шестиот милениум пред новата ера, односно пред приближно осум илјади години. Тој претставува една од најраните населби во времето на неолитот во Пелагонија, кога значително се менува начинот на живеење, со што се започнува со земјоделство и градење на првите куќи, изработка на керамиката, формирање на комплексен религиски систем итн.
 Иако се на самиот почеток, овогодинешните истражувања на „Врбјанска Чука“ приложија многу нови сознанија за овој исклучително важен и специфичен локалитет. Се открија остатоци од станбен овјект изграден од колци и плитар, додека во него и неговата близина се пронајдоа мноштво садови што ги потврдуваат високите квалитети на неолитските керамичари, а коишто претставуваат уникатно обележје во рамки на Балканот и многу пошироко. Освен мноштвото на садови, во текот на археолошките ископувања се открија и секири од камен, кремени ножиња, кугли за праќа, мелници за жито, керамички тегови, жртвеничиња и антропоморфни модели, што говори за начинот на живеење на едни првите земјоделски заедници во Македонија. При истражувањата се применуваат нови археолошки методи со што се следат сите промени во населбата и нејзиниот развој во неолитот, но и подоцна во средниот век. Од средновековниот период (околу 12-от век) е пронајден гроб што говори за христијанските обичаи и начинот на погребување на луѓето од тоа време.
Во текот на идните недели е предвидено археолошките истражувања да се прошират иинтезивираат и да се дефинираат јасни архитектонски целини. Покрај истражувањето на објектите ќе се следат технологиите на изработка на керамичките предмети, како и одредени ритуални активности карактеристични за неолитот. Во соработка со археолози од Чешка се вршат палеоботанички анализи за видовите на растенија и изгледот на крајоликот во овој период, а ќе се  добијат и податоци за земјоделските техники и храната подготвувана пред 8 илјади години. Примероци од јаглен ќе се испратат на лабораториска анализа во Швајцарија за да се утврди точната старост на оваа населба, од нејзиното настанување до самиот крај. Ваквите обемни и повеќенасочни истражувања ќе овозможат многу детални податоци за животот на едни од првите жители во Пелагонија.
Археолошкото ископување на локалитетот „Врбјанска Чука“ ги реализира Центарот заистражување на предисторијата, со финансиска подршка на Општина Кривогаштани.Градоначалникот Тони Заткоски изрази особено задоволство од досегашните резултати од истражувањата и ја истакна важноста на овој локалитет во македонската архологија и можноста за негово натамошно туристичко промовирање како еден од најзначајните претставници на предисториското културно наследтство во Македонија.

About Krsteska Daniela

x

Check Also

ЈП Пелагонија апелира до своите корисници рационално и внимателно да ја користат водата во деновите на екстремно високи температури.

ЈП Пелагонија апелира до своите корисници рационално и внимателно да ја користат ...