Општина Кривогаштани денеска го потпиша договорот со градежнатта фирма „Изофаст“ за изградба на канализациони системи вио населените места Славеј и Крушеани. Инвестицијата е тешка 310.000 евра, а парите се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој. Овие села за прв пат во својата историја ќе добијат канализација. Според договорот таа треба да биде завршена во јуни.
„Ова е за прв пат овие населени места да се започне со изградба на канализациона мрежа бидејќи во нашата општина само населеното место Кривогаштани досега во 95% е покриено со канализација и како главен приоритет во наредните години ќе биде изградба на комунална инфраструктура во сите населени места“, кажа Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.
За канализациониот систем во населеното место Крушеани обезбедени биле и дополнителни 110.000 евра преку Министерството за транспорт и врски со што ќе се добие еден комплексен канализационен систем за ова населено место.
„Со овој зафат ќе се опфати главниот колектор во Славеј, еден крак во Крушеани и два помали крака во Славеј како и со комплетна пречистителна сттаница. Тоа опфаќа мрежа од околу 2 км. Според договорот треба да завршиме до јуни, но ако не послужат временските прилики мислам дека ќе завршиме и побрзо“, рече Митко Иваноски, сопственик на градежна фирма.
Општина Кривогаштани денеска потпиша и договор за изработка на униформи за работниците во јавното комунално претпријатие, територијалната противпожарна единица и техничкиот персонал во училиштата.