Педесет доброволци од општина Кривогаштани, на чело со градоначалникот Тони Заткоски, во саботата зедоа активно учество во расчистување на теренот од поплавите во Скопје. Екипите од Кривогаштани, овој пат беа распределени во Сингелиќ. Претходно 35 доброволци од Кривогаштани зедоа учество во расчистувањето на теренот во населеното место Стајковци.
„Во саботата екипа составена од 50 доброволци од општина Кривогаштани зеде активно учество во расчистувањето на теренот од поплавите во Сингелиќ. Ситуацијата на теренот полека се нормализира, но сепак потребно е на тие жители да им се помогне што е побрзо да го вратат својот живот во нормала. Жителите на Кривогаштани, како повеќе пати досега, ја покажаа својата хуманост и нема да престанеме тука, наши екипи треба повторно да заминат за Скопје за неколку денови. Еве тука ја користам приликата сите оние кои можат и сакаат да земат учество во оваа акција своето присуство да го пријават во општината. Сакам да потенцирам и тоа дека уште од самиот почеток на акциите за расчистување во Скопје, ЈП Пелагонија и ТППЕ од Кривогаштани се присутни на теренот со своја механизација и луѓе. Уште наредниот ден, веднаш по поплавите, ние испративме наша екипа од неколку луѓе, пумпи за вадење на вода и цистерна“, истакна Тони Заткоски, градоначалник на општина Кривогаштани.
Инаку општина Кривогаштани веќе една недела има отворено и пункт за собирање на донации кој е лоциран во објектот на ТППЕ Кривогаштани. Од локалната самоуправа соопштиија дека досега биле собрани околу 4 тони на вода и повеќе килограми на конзервирана храна, бебешка опрема и средства за хигиена.
Како донатори се јавиле локалната самоуправа, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ЈКП „Пелагонија“, „Катмеровски компани“, „Везе Шари“, „ИГА“, „Гонито“, „Стела турс“, „Вентура“, „Агро ботаник“, „Бакалески промет“, „Кривогаштани промет“, „Стефан дооел“, „Мапи транс“ и голем број на граѓани.