Општина Кривогаштани денеска празнува 20 години од своето постење како посебна единица на локалната самоуправа. Своето две децениско делување како засебна рурална локална заедница, општината го одбележа со свечен коктел,. За истакнати поединци од повеќе области градоначалникот Тони Заткоски додели благодарници.
На денешен ден точно пред 20 години Советот на Општина Кривогаштани ја одржа својата прва конститутивна седница. Со тоа наместо во рамки на поширокиот прилепски регион, локалната заедница Кривогаштани и останатите 12 населени места започна да делуваат во посебна единица на локална самоуправа. Во дведецениското опстојување како засебна организациска единица, општината има постигнато голем напредок особено кога станува збор за инфраструктурниот развој, комуналното уредување. а подигнати се стандардите во условите за образование.
По повод две децении од постоењето Општина Кривогаштани додели благодарници и плакети за истакнати поединци и организации кои оставиле белег во развојот на локалната самоуправа. Воедно, Кривогаштани денес може да се пофали со широка соработка со државните институциии, од каде се иницирани инвестиции во инфраструктурниот развој, реновирање на училиштата, но и поставување темел за изградба на индустриски капацитети преку продажба на државно неизградено земјиште. Инаку, својот подем општината го темели врз развојот на земјоделството – што претставува основа за приходи на најголем број семејства, а претставува една од ретките локални заедници каде во голема мерка е запрена миграцијата село – град, со позитивна стапка во природниот прираст на населението.