Денеска во Битола се одржа завршната конференција на проектот „Младински политики по мерка на младите“, кој „Pro Local“, заедно со осум организации од Пелагонија, меѓу кои и ,,Урбано Гнездо – Кривогаштани“, го реализира со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас“.
На завршниот настан беа презентирани реализираните активности и искуствата од проектот, со посебен фокус на поголемото учество на младите во креирањето политики според нивните потреби и приоритети.
На настанот присуствуваше и се обрати министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека младите во нашиот регион немаат исти услови во зависност од тоа дали живеат во урбаните средини како Битола и Прилеп или во помалите и руралните средини како Новаци, Могила, Долнени, Кривогаштани, Крушево или Демир Хисар. Но, според него, правото на секој млад човек да биде слушнат, да има услови за развој и да остане во својот роден крај мора да биде исто за сите.
Поздравни обраќања имаа и Александар Кржаловски, директор на МЦМС, и Емилиа Ѓероска, претседателка на ,,Pro Local’’
Во рамки на настанот се одржа и свечено доделување на наградите за младите бизнис иноватори од Пелагонија, учесници на Регионалната платформа за млади, регионален натпревар на иновативни бизнис идеи.
Особено ни е драго што и Александра Јосифоска од ,,УРБАНО ГНЕЗДО“ имаше свое обраќање и го сподели своето искуство од учеството во проектот. Александра неодамна се стекна и со сертификат за младински работник, како признание за нејзиниот ангажман и стекнатото искуство во работата со млади.
Како Општина, продолжуваме да работиме на создавање услови во кои младите ќе бидат активни учесници во развојот и иднината на нашата заедница

