Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот од Кривогаштани во соработка со Полициската станица во Кривогаштани а во насока на подигнување на свеста за значењето на безбедното учество во сообраќајот од најрана возраст, реализираше едукативен час на тема „Безбедност во сообраќајот – за деца“, наменет за учениците од прво одделение од двете основни училишта како и децата од градинката ,,Весело штркче” кои ќе бидат идни првачиња.
Преку интерактивен разговор, едукативни илустрации и забавни активности, учениците имаа можност да се запознаат со основните правила за безбедно движење во сообраќајот. Посебно внимание беше посветено на правилното преминување на улицата, значењето на светлосните сигнали на семафорот, движењето по тротоар и препознавањето на опасните ситуации во секојдневниот сообраќај.
Преку примери за тоа како не треба и како треба да се однесуваме во сообраќајот, децата активно учествуваа, ги препознаваа ризичните ситуации и предлагаа правилни решенија.
Целта на активноста е уште од најрана возраст да се развиваат сообраќајната култура, одговорноста и свесноста за сопствената безбедност, како и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Безбедните навики се учат од мали нозе, а знаењето и внимателноста се најдобриот пат до побезбедно детство.
