Денес, 28 октомври 2026 година, се одржа седница на Локалниот совет за превенција на Општина Кривогаштани, на која беа разгледани повеќе прашања од значење за безбедноста на граѓаните, превентивното дејствување и координацијата меѓу надлежните институции.
На барање на граѓаните, градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, покрена иницијатива за отворање канцеларија за управни работи во Полициското одделение во Кривогаштани, со цел овозможување услуги за издавање лични документи на граѓаните од општината. Со реализацијата на оваа иницијатива, услугите би биле подостапни за граѓаните, со што би се намалиле потребата од патување, трошоците и времето потребно за нивно добивање. За таа цел, до Министерството за внатрешни работи ќе биде доставено официјално барање.
На седницата се дискутираше и за општата безбедносна состојба, јавниот ред и мир, безбедноста во сообраќајот, како и за заштитата на пешаците и учениците. Посебно внимание беше посветено на превенцијата од врсничко насилство и насилство на интернет, злоупотребата на алкохол и дроги, како и на потребата од засилена соработка меѓу училиштата, родителите и надлежните институции.
Воедно, беа разгледани состојбите со водотеците, одводните канали, речните корита и насипите, при што беше истакната важноста на навременото преземање превентивни мерки за намалување на ризикот од поплави.
Дел од дискусијата беше посветен и на превенцијата од пожари и подготовките за претстојниот зимски период, со посебен осврт на безбедноста на јавните објекти, одржувањето на проодноста на пристапните патишта и обезбедувањето непречено функционирање на основните комунални услуги.
Општина Кривогаштани и понатаму ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на безбедноста, заштитата и квалитетот на живот на граѓаните, преку соработка со надлежните институции и навремено преземање превентивни мерки.
