На 8 октомври 2026 година, во Битола се одржа втората работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, на која учествуваше градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски.
На седницата беше презентирана и разгледана нацрт-верзијата на Регионалниот план за управување со отпад за периодот 2027–2032. Посебно внимание беше посветено на подобрувањето на инфраструктурата, собирањето и селекцијата на отпадот, затворањето на нестандардните депонии и обврските на општините во наредниот период.
Членовите на Одборот разговараа и за напредокот на проектите за регионалниот центар за отпад во Новаци, претоварните станици, набавката на возила и опрема и формирањето регионално комунално претпријатие. Беше нагласено и значењето на точните податоци за количините на отпад и вклучувањето на граѓаните во спроведувањето на планот.
Во следниот период, Општина Кривогаштани и ЈП „Пелагонија“ ќе се фокусираат на започнување со селекција на отпадот. Соработката и учеството на граѓаните ќе бидат важни за успешно спроведување на овој процес и за почиста животна средина во општината.
Работата на МОУО е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и спроведуван од SALAR International.
