Ул. Филип Втори бр.84 • +389 48 471 280
Република Северна Македонија

Општина Кривогаштани

Соопштенија• Новости• Комунални работи

Во Кривогаштани започна селекцијата на отпадна пластика во домаќинствата

Во Кривогаштани започна селекцијата на отпадна пластика во домаќинствата

Денес, 14 октомври 2026 година, во ЈП „Пелагонија“, во присуство на претставници од SALAR International, започна првата фаза на селекција на отпад од пластика во домаќинствата во Кривогаштани.

Првиот договор со претпријатието го склучи градоначалникот Игор Каравилоски, во својство на граѓанин на Кривогаштани. Потоа се приклучија и други жители од улицата „Филип Втори“, кои доброволно се вклучија во процесот. Со личниот пример, градоначалникот ја истакна важноста на учеството на секој граѓанин и создавањето навика за одделно собирање на отпадот, почнувајќи од сопствениот дом.

Граѓаните што склучија договори добија бесплатни канти за селекција на отпадна пластика, како и флаери со практични упатства за нивно правилно користење. Целта е пластиката да се издвојува од останатиот комунален отпад, со што ќе се создадат услови за нејзино рециклирање и ќе се намали количеството отпад што се одлага на депониите.

Оваа активност претставува конкретен локален чекор во воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион. Системот го опфаќа идниот Регионален центар за управување со отпад со регионална депонија во Новаци, претоварните станици и обезбедувањето возила и комунална опрема за општините. Во рамките на регионалниот проект, за потребите на ЈП „Пелагонија“ веќе е обезбедено ново специјализирано возило за собирање и транспорт на отпад.

Поддршката на SALAR International се реализира преку проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска, кој им помага на општините и комуналните претпријатија да ги подобрат услугите и да ги вклучат граѓаните во регионалните реформи. Денешната активност следува по најавениот фокус на Општина Кривогаштани и ЈП „Пелагонија“ врз започнување со селекција на отпадот, истакнат на неодамнешната седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад.

Со вклучувањето на првите домаќинства започна практичното воведување на селекцијата на отпадна пластика во Кривогаштани. Активното учество на граѓаните и правилното користење на кантите ќе бидат клучни за успешното спроведување на процесот и за почиста животна средина во општината.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email