Општина Кривогаштани денес доби ново специјализирано возило за собирање и транспорт на комунален отпад, наменето за потребите на ЈП „Пелагонија“.
Возилото е обезбедено во рамките на Регионалниот проект за управување со цврст отпад, преку кој се воспоставува современ систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот Регион.
Проектот се спроведува од Министерството за животна средина и просторно планирање, со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој и со донаторска поддршка од Европската Унија.
Набавката на возила, канти, контејнери и друга комунална опрема за општините од двата региона претставува значаен дел од подготовките за воспоставување на идниот Регионален центар за управување со отпад во Новаци и претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар.
Со новото возило значително се подобруваат техничките капацитети на ЈП „Пелагонија“. Тоа ќе овозможи поефикасно и поредовно собирање на комуналниот отпад, поголема сигурност при извршувањето на услугата и подобри услови за работа на вработените во претпријатието.
Општина Кривогаштани, како една од општините вклучени во регионалниот систем, активно учествува во работата на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад и во активностите за воспоставување одржлив и ефикасен систем, усогласен со националните прописи и европските стандарди.
Во следниот период ќе започнеме со активности за воспоставување систем за одделно собирање на различните видови отпад, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани.