Пред исполнет плоштад и со бројни посетители од нашата и од соседните општини, успешно го заокруживме годинешното издание на „Фестивалот на пиперката“.
Најмладите уживаа во детската програма „Магијата на пиперките“, а изложбените штандови понудија локални производи, преработки од пиперка и традиционални специјалитети подготвени по автентични рецепти.
За одличната музичка атмосфера се погрижија Пајак, Мелос Бенд, Татјана Стефановска, Кико и Тикса Бенд, DJ Tammy, К.У.Д. Илинден Кривогаштани, како и најмладите од Јоудг Весело Штркче Кривогаштани, кои приредија вечер исполнета со песна и забава за сите генерации.
Низ фестивалската програма нè водеше Mihaela Adjioska, која со својата професионалност и позитивна енергија дополнително придонесе за одличната атмосфера.“
Овој фестивал е многу повеќе од музички настан. Тој е израз на почит кон трудот на нашите земјоделци и можност да ја промовираме пиперката, како еден од најпрепознатливите симболи на Кривогаштани.
Особено ме радува што целата манифестација помина мирно, безбедно и во најдобар ред.
Голема благодарност до ЛАГ Агро Лидер за соработката и поддршката во организацијата на фестивалот.
Посебна благодарност упатувам до генералниот спонзор „Кривогаштани Промет“, со својот светски познат бренд „Гурмано“, како и до „Прилепска пиварница“, „Евора Комерц“ и сите останати спонзори и поддржувачи што дадоа значаен придонес за успешната реализација на манифестацијата.
Благодарност и до локалните производители и изложувачи, изведувачите, техничките екипи, надлежните служби и сите што учествуваа во подготовката и реализацијата на фестивалот.
Најголема благодарност до нашите сограѓани и до сите гости што со своето присуство придонесоа Кривогаштани да има вечер за паметење!
Продолжуваме да ја чуваме традицијата, да ги поддржуваме земјоделците и да го развиваме „Фестивалот на пиперката“ како препознатлива манифестација на Кривогаштани и целиот регион.