Започна реконструкцијата и санацијата на патниот правец од населеното место Боротино до населеното место Обршани во должина од 4 км. Оваа инвестиција е тешка околу половина милион евра, а парите се обезбедени од јавното претпријатие за државни патишта и Владата. Во последните неколку години Кривогаштани доживува вистинска градежна експанзија кога станува збор за изградба на патната инфраструктура.
Според плановите асфалтирањето на патот Обршани-Боротино, изградбата на банкините и чистењето на каналите околу него требало да заврши за 20-тина дена.
Инаку пред неколку денови во општина Кривогаштани заврши асфалтирањето на уште три нови улици во населените места Кривогаштани, Обршани и улицата која ги спојува селата Бела Црква и Воѓани. Инвестицијата за овие три улици чинеше 200.000 евра, пари обезбедени преку кредит од Светска банка.
Од реконструкцијата на регионалниот пат Воѓани до Кривогаштани во должина од 9 км. остануваат да се асфалтираат уште само 1,2 км во селото Крушеани, кои моментално неможат да бидат реализирани бидејќи таму се изведуваат градежни работи за поставување на нова канализациона мрежа. Се очекува и овој дел од патот да биде завршен некаде кон крајот на месец октомври.